Сеопфатното сексуално образование ги учи децата да го познаваат и прифаќаат своето тело, да се грижат за своето здравје и безбедноста, но и за здравјето на другите. ССО придонесува децата да бидат подобро подготвени да се справат со сите прашања и предизвици што ги носат пријателските и љубовните врски.
Преку ССО младите ги преиспитуваат и напуштаат предрасудите и табуата што постојат во општеството поврзани со разни аспекти на социјалниот, емотивниот и сексуалниот развој на луѓето. Така, младите увидуваат дека треба да имаат емпатија и почит кон сите луѓе без разлика на нивната различност по пол, род, социјален статус, етничка припадност, попреченост или која било друга основа.
Да бидеме на чисто – сеопфатното сексуално образование не е подучување за сексот и за сексуалните односи.
Голем број истражувања покажуваат дека кога децата имаат сексуално образование, подоцна стапуваат во прв сексуален однос (WHO, Currie et al, 2012) и се намалува ризичното однесување со што се намалува бројот на малолетнички бремености и сексуално преносливи инфекции (Haldre, Part, Ketting, 2012).
Покрај здравствените, ССО има и други социјални и емоционални придобивки за развојот на децата. На пример, ССО помага децата да градат здрави интимни врски кои се засноваат на почит и заемна согласност. Таму каде што ССО е вклучено во образованието, се намалуваат насилството меѓу врсниците и омразата врз лицата кои се со различна сексуална определба (Bachus et al, 2010).
А кога ССО се изучува континуирано, позитивно влијае и врз емпатијата кај младите, им ги подобрува вештините за комуникација и им ја зголемува самодовербата.
Сексуалното образование во училиштата денес ни е повеќе од неопходно бидејќи дава точни одговори на сите прашања што ги мачат младите во врска со сексуалноста – за разлика од интернетот, каде што информациите се многу лесно достапни, но често неточни и штетни.
Сексуалното образование учи како да се заштитиме од инфекции или непланирана бременост, како правилно се употребува кондом и каде може да се обратиме и побараме помош доколку имаме прашање во врска со сексуалното и репродуктивното здравје.
Преку ССО со младите се разговара и за еднаквоста на луѓето, за последиците од дискриминацијата и за насилството меѓу врсниците, во интернет просторот и меѓу паровите. Учи како да го препознаеме насилството навреме, како да се заштитиме и каде да го пријавиме. Се разговара и за тоа што значи да се биде различен од другите и зошто е потребно државата да обезбеди рамноправност на сите граѓани.
Според истражување спроведено во 25 земји од Европа и Централна Азија, исклучително мал процент на млади го гледаат училиштето како релевантен извор на информации и знаења поврзани со сексуалното образование – иако токму таму поминуваат голем дел од денот. Со други зборови, попрво би ја „изгуглале“ својата дилема отколку да го прашаат наставникот.
И со право – кај нас, темите што ги покрива ССО не се доволно или не се воопшто опфатени во ниту еден наставен предмет во досегашните наставни програми.
Истото ова истражување покажува дека во Македонија повеќе од 50 % од наставниците изјавиле дека им се потребни дополнително време, упатства, вештини и обуки за да можат да предаваат содржини од областа на сексуалното и репродуктивното здравје. Така, на часовите по Образование за животни вештини, само 7 % од наставниците во главниот град изјавиле дека зборувале за сексуална ориентација, 9 % за орална контрацепција, 15 % за користење кондоми и 35 % за превенција на ХИВ.
Кога е ССО во прашање, возраста е клучен фактор. Секоја возраст си носи свои карактеристики, па содржините од сексуалното образование се приспособуваат токму на нив, за да одговараат на емотивниот и психолошкиот развој на децата.
Така, на пример, кога зборуваме за родово базираното насилство, децата на возраст од 5 до 8 години учат само како да го препознаат овој вид на насилство меѓу врсниците и дека треба да му се обратат на возрасно лице во кое имаат доверба. Децата на возраст од 9 до 12 години учат дека сите форми на врсничко родово базирано насилство се погрешни и дека преставуваат кршење на човековите права. А оние поголемите, на возраст меѓу 12 и 15 години, учат дека сите форми на насилство од страна на возрасните или луѓе на позиција на моќ се косат со човековите права и каде можат да побараат поддршка од други лица или институции во системот.
Со предлог-концепцијата за основното образование се предвидува сексуалното образование да биде изборен предмет. Ова значи дека ќе го учат само оние деца чии родители се согласни за темите и содржините што ССО ги опфаќа. Притоа, темите и содржините ќе одговараат на возраста и на развојот на децата, согласно техничките препораки на УНЕСКО.
Така, ХЕРА и Бирото за развој на образованието развија пилот наставна програма за сексуално образование за деца на возраст од
13 до 15 години.
Иако сексуалното образование дури од есен ќе се најде во училишните распореди како изборен предмет, неговото воведување е предвидено од многу поодамна во низа стратешки документи на државата, како што се Националната стратегија за СРЗ (2010-2020), Националната стратегија за ХИВ/СИДА (2012-2016) и Националната стратегија за млади (2016-2025). Во 2016 година, дури и 10 политички партии ветија дека ќе го поддржат подобрувањето на формалното образование со информации за сексуалното и репродуктивното здравје и права.
На потребата од системско изучување на ССО укажува и Организацијата на обединетите нации (ООН), чии комитети во многу наврати сигнализираат дека учебниците ни се застарени, дека младите имаат ограничен пристап до информации за сексуалното и репродуктивното здравје и дека наставниците мора да се вклучат во справувањето со сеприсутните родови стереотипи. А како потписник на меѓународните конвенции и декларации за човекови права на ООН, Македонија има и тоа како обврска да ги помрдне работите од мртва точка.
ХЕРА се залага за воведување на сексуалното образование во формалниот образовен систем уште од 2010 година наваму, кога заедно со низа надлежни институции и организации, меѓу кои и МОН, МЗ и МТСП, академски институции, релевантни граѓански организации и агенции на ООН учествуваше во подготовката на Рамката за сеопфатно сексуално образование.
Оттогаш ХЕРА спроведува и неформални врснички едукации за ССО во основни и средни училишта низ земјата. Во текот на сиве овие години речиси 2000 млади на возраст од 14 до 20 години добиле сексуално образование преку единечни едукации или како целосна програма – со согласност од родителите! Овие неформални едукации ги држат обучени врснички едукатори – млади луѓе на возраст од 17 до 23 години кои се свесни дека недостигот на точни информации влијае врз здравјето и одлуките подоцна. Токму сознанијата од овие едукации ни покажуваат дека ССО треба да се учи и на училиште.
Низ годините ХЕРА има публикувано прирачни материјали за врснички едукатори и за наставници за да им ја олесни наставата за сексуално образование на оние кои сакаат да го вклучат ССО во своето работење. Во нивната подготовка ХЕРА секогаш вклучува стручни лица и универзитетски професори, согласно најновите препораки на агенциите на ООН.
Пилотирање не е исто што и задолжително воведување на ССО во образовниот систем.
Пилот-програмата за ССО е предвидено да се воведе во деветтото одделение во основното образование, и тоа како изборен предмет во четири училишта во Македонија. Ова значи дека ССО не е задолжителен предмет во тие училишта – со други зборови, ќе го слушаат само оние деца чии родители ќе дадат согласност.
Пилотирањето е еден вид на истражување: резултатите и наодите што ќе се добијат по пилотирањето ќе бидат основа за креирање на соодветна наставна програма за ССО како изборен предмет во сите училишта во иднина.
Пилот-програмата за ССО е резултат на двегодишната работа на Работната група при Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за финансии и ХЕРА за идентификување на национални стратегии за подобрување на содржината на сексуалното образование во наставата. Пилот-програмата беше одобрена од Владата на Република Северна Македонија во 2019 година, кога на чело на Министерството за образование и наука беше министерот Арбер Адеми.
Пилот-програмата за ССО ќе ја спроведуваат наставници од четири основни училишта кои во текот на декември 2020 година поминаа теориска и практична обука за ССО. Обуката ја поминаа само оние наставници од четирите селектирани училишта кои самоиницијативно се пријавија да бидат дел од пилот-програмата, независно од тоа кој предмет го предаваат.
Наставната програма е адаптирана за деца на возраст од 13 до 15 години и ќе се случува само во класовите од 9-то одделение во четирите основни училишта. Програмата, да повториме, е изборна, што значи дека ССО ќе го има во училишниот распоред само на оние ученици кои сакале да го изберат овој предмет и чии родители/старатели дале согласност за тоа.
Пилот-програмата е поделена на 7 наставни единици кои ќе се изучуваат на 32-36 интерактивни школски часа. Пилот-програмата ќе започне со новата училишна година, односно во септември 2021 година. Притоа, наместо преку класично предавање теорија, ССО ќе се учи преку дискусија, рефлексија и споделување лични искуства сè со цел младите да дојдат до заклучоци преку логично размислување. Оценувањето ќе биде описно.
Пред да започне пилот-програмата, родителите ќе бидат целосно информирани за содржината на наставата од училишните служби. Така родителите ќе можат да донесат информирана одлука дали сакаат нивните деца да бидат вклучени во наставата или не.
Часовите за ССО ќе се спроведуваат според водич и прирачник за наставниците, кој е подготвен од стручни лица за сексуално образование, вклучително и универзитетски професори. Прирачникот содржи информации за над 40 работилници и работни материјали/листови за учениците кои ќе се користат на овие часови. Нема да постојат учебници посебно наменети за учениците.
Работните листови што ќе ги користат учениците ќе содржат визуелен материјал кој е соодветен за возраста на децата и во согласност со стандардите на УНЕСКО. Илустрации и слики ќе има – исто како што има, на пример, и во учебникот по биологија!
Свесни сме дека родителите се најважната алатка во развојот на децата за време на пубертетот. Родителите се првите кои се грижат децата да станат здрави личности: сакаат да си ги утешат децата кога се вознемирени, да ги охрабрат во љубопитноста, да им помогнат кога чувствуваат здравствени проблеми или кога стекнувањето пријателства и врски не им оди од рака.
Сексуалното образование нема намера да го замени домашното воспитување ниту да им ги одземе правата на родителите во едукација на нивните деца. Напротив, ССО би било продолжена рака на родителите во воспитувањето тогаш кога на децата им е полесно да зборуваат за некои прашања меѓу своите врсници.
Не. Сексуалната ориентација е вродена – не се учи ниту, пак, се избира. Од друга страна, насилството поради сексуална ориентација се учи – и мора да се одучи! Независно дали се случува во училишните ходници или онлајн по часовите.
Наодите од студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (2018 година) покажуваат дека врсничкото насилство е во пораст во училиштата и надвор од нив и тоа поради туѓиот физички изглед, попреченоста, етничката припадност, социјалниот статус, па и поради моралниот карактер. Различноста на младите на возраст од 11 до 13 години најчесто оди рака под рака со помалку поддршка и разбирање од родителите и врсниците и со поголема изложеност на насилство и малтретирање.
Преку ССО децата ќе научат да ги почитуваат разликите меѓу луѓето, критички да ги преиспитуваат предрасудите и да се залагаат за еднакво општество за сите. Учејќи како навреме да го препознаат и пријават врсничкото насилство, но и да побараат помош, тие ќе градат заедница во која нема да се толерира дискриминација и насилство по ниту една основа.
А училиштето конечно ќе стане безбедна средина како што пропишува и законот.
Брачниот и семејниот статус не се показател за сексуална писменост.
Така, сите деца не се чувствуваат слободно да ги прашаат своите родители сè што ги интересира, па одговорите ги бараат во друштвото и на Интернет. И ги наоѓаат – само што најчесто се неточни. Истото важи и за родителите – не сите се чувствуваат пријатно да зборуваат на сите теми со своите деца, неретко и поради тоа што можеби ги немаат сите одговори – од проста причина што растеле без ССО.
Дека брачниот и семејниот статус не се показател ниту за безбедна средина потврдува и широката распространетост на семејното насилство кај нас. Истражувањето на ОБСЕ (2018 год.) сигнализира дека безмалку половината од опфатените жени доживеале психолошко насилство, а 30 % биле сексуално вознемирувани уште од 15-годишна возраст.
ССО ќе им помогне на младите да се оспособат за заштита од насилство и во интимните врски и во училиштето каде што царува булингот, а преку информираните млади ќе им помогне и на родителите да се справат со предизвиците што ги носи кибер насилството – за да навистина ништо не им фали кога можеби ќе решат да стапат во брак и/или да имаат деца.
Затоа што инаку нема да можат да ги препознаваат и преиспитуваат родовите стереотипи што кај нас ги има во изобилие.
Ако не верувате дека ги има буквално на секој чекор, разлистајте ги списанијата и видете како (треба да) изгледа женското тело, а како машкото. Па разлистајте ги весниците и порталите и пробајте да изброите колку професии се во женски, а колку во машки род. Отворете ги учебниците од основното образование и видете дали мажот ќе го најдете во кујната.
Знаете ли дека уште од основно младите мислат дека жената во семејството треба да биде добра мајка и сопруга, а помалку да ја интересира напредокот во кариерата? Или дека во училишните клупи имаме помалку девојчиња отколку момчиња – и тоа токму поради тоа што се девојчиња?
Пробајте да си одговорите зошто над 90 % од жртвите на семејно насилство се жени и девојчиња. Или, зошто и ден-денес жените се помалку вреднувани од мажите? Зошто и натаму само од жените се очекува да балансираат меѓу професионалниот и приватниот живот? Зошто татковците не зборуваат со ќерките за менструација? Зошто е срамота момчињата да плачат?
И зошто сè што излегува од вака поставените улоги се смета за безобразно, невоспитано, неприфатливо и е доволна причина за потсмев, омаловажување, дискриминација, насилство, па дури и за отфрлање од општеството?
Затоа што белки сите сакаме младите кај нас да имаат точни и проверени информации, и да можат без срам и страв од осуда да прашуваат и споделуваат ставови за да можат критички да градат ставови и да носат информирани одлуки – самостојно, а не затоа што сите прават така.
Затоа што белки сите сакаме да нема непланирани бремености, особено малолетнички, ниту абортуси.
Затоа што белки сите сакаме да нема врсничко и сексуално насилство – поради кое страдаат и насилниците и жртвите.
Само затоа што ССО го нема во овие земји, не значи дека проблемите на младите престанале да постојат или дека го баталиле Интернетот и почнале да разговараат со родителите.
Од друга страна, ССО е дел од училишните распореди во Данска, Шведска, Белгија, Холандија, Велика Британија, Босна и Херцеговина, Албанија. Во Белгија и Холандија, на пример, ССО се изучува веќе со децении и без престан. Резултат? Овие две земји ја имаат најниската стапка на малолетнички бремености, абортуси и дискриминација по основ на родов идентитет.